Имало бетер и од нас!
Здраво пријатели мои!
Еднаш, не толку одамна, си седев јас, така, замислен, во автобусот кој сообраќа меѓу еден реон и друг, одејќи кон преубавата Грузиска метропола, во која одвреме навреме имаше струја и вода, за да можат сите, ние, гнасни странци, кои по своја вина западнале тука, за се замиеме, подмиеме, а со цел да можеме да се разликуваме од домородното т.е. локално население со непријатна арома на ни лук јал ни лук мирисал, ами на кромид и немиено.
Денес, гледајќи се она што е околу мене, си припомнaв на тој ден, величествен во својата обичност и здодевност. Или јас бев многу мамурен. Ќе да е едно од двете. Си припомнав и решив да го споделам, нели, со вас.
Значи, седам, јас така, замислен и што да видам. Покрај патот полн дупки се веат знамиња.
Не ќе беше толку чудно и необично да имаше тие денови избори, демонстрации против овој-оној, да беше некој национален, регионален, локален или барем селско-атарски празник. Ништо од тоа. Така, едноставно, без некоја особена причина, без ујдурми на ккои сме навикнале, тивко, со це да влезат во легенда, тоа копучааната од партијата на грузискиот претседател Михаил, Мишка-бишка, Саакашвили со него на чело, решиле, да го сменат државното им знаме. Е, сега, да се разбереме, ниту имаат ниту имале проблем со името, на нивни Са’картвело, на руски Грузија, на англо-саксонско-франкофонски и тн , на руски Грузија, на англосаксонскофранкофонски и тн Georgia или Џорџија, по нашки, ниту имаат проблем со знамето (како една моја мила и драга банана-сплит држава со популарен назив/име ФИРОМ или поубаво, у мајчина Македонија), ами, (нелуи по патот на словенската антитеза: два пати дали, потоа ниту, ниту, за на крај да се даде илуминативен одговор) решиле да го сменат поради тоа што било воведено во употреба како симбол на нивната борба за самостојност депиктирајќи мрачнотија, крв пролеана, храброст (која ја немаат бидејќи искркале ќотек од Абхазите и Јужно-Осетјаните, а и од секој кој пофтел да ги намава), воведено на почетокот на на деведесетите. Иако убави и благородни причини, сепак, главната е онаа, човечката. Го менуваат дека е донесено во употреба за времето на Звијад Гамсахурдија (отепан од сопствениот телохранител), а асоцира на владеењето на Едвард, Едичка, Шеварнандзе, кој според зборовите на Мишка-бишка и тајфата, е најголемиот криминалец (воедно сеуште сместен во претседателската палата иако не е претседател веќе две години), виновен за колапс на се во Грузија.
Да не должам. Кое знаме го натопорија? Партиското, своето партиско знаме! Кое можеби, некој го забележа на демонстрациите 2003 година, кога со оро и песна дремеа на дожд дваесеттина дена додека не им скурчи на џандарите да киснат и ги пуштија во парламентот, за потоа, да се прегласува на изборите, но, не зџа пратеници, ами за претседател задоволувајќи ги апетитите на Мишка-бишка да стане некој и нешто, макар и на Грузија.
Навистина, старото знаме не личеше на ништо, слично како нашиов вентилатор кој ниту зиме грее ниту лете лади, ами през цела година не потсеќа на историскиот срам, додека новово, нивно, има некој шмек, со таа разлика што мног наликува на малтешкото, со крстот, малтешкиот крст.
Но, тоа и не е толку важно. Важно е што си посакаа и си го сменија. Та нели се власт. Иако никој не ги тераше на тоа, никој не им клапна санкции, ги уценуваше итн. Знамето го сменија, државата им има две-три имиња, а никој не ги нарекува или им се обраќа со уставното, нивното, килави се, не ги бива, немаат пари, сиромаштија се, пука беда, имаат теротории над кои немаат владение, главниот град некои го викаат Тбилиси, некои Тифлис итн. Слично на нас, нели. Оти и ние сме копучаана што нема вода в очи, а ни сол у тиквите и дозволуваме секаков мајтап да си играат и со нас. Та нели и нашиве се власт, сами што си ја избравме и изгласавме.
И да не се потресе некој? Не! Уше не им мрда. Важно им е да имаат доволно Чача (домашна ракија која се изготвува од грозје, слично на нашата, само што нивнава, чачата, има вкус и мирис на лајна, ставаат шеќер да биде појака, многу боли глава и понекогаш нуспродукт на нејзина консумација е ќороење т.е. слепило). Додуше и од нашата боли глава, ама не се ќорее и не боли толку многу. Освен од тиквешката жолта лозова.
Е сега, зошто го пишувам ова? Размислете малку.
Кај нас, слично, но различно, ни припнаа грчиштана да го смениме знамето, она прекрасното, шестнаесетката сончева, популарното сонце на вергина или ѕвездата над Куклеш, не им се допадна и сеуште се противат на идејата да се нарекуваме според територијата, местото, националноста т.е. онака како од искона сме си се нарекувале, за ние, се здобиеме, по блокадите и попустливоста на нашите лидери, со префикс, референца која означува припадност т.е. бивша припадност на држава која одамна ниту на хартија не постои освен на маргините на историјата, каде што полека, но сигурно пажа во заборав. Само ние ја паметиме. Само ние сеуште сме срамно потсетување на едно минато и погрешно време. Се разбира, градот ни е со две имиња, Скопје за едните, Шкуп за другите. И тоа во државата.
Несје. Да се навратиме на она, поубавото. На ракијата.
Како што реков, нашата е поубава, не боли толку глава и не се ќорее. Нивната држава е у материну, нашата на добар пат натака. Грабиме со крупни чекори. Неоспорени регионални лидери на патот кон пекколот наречен битисување. Грузија нема скршен динар во буџетот, ние немаме. Народот им гладува, нашиот исто така. Никој не ги сајкали од комшиите, и нас исто така. Живеат од меѓународни инвестиции и донации, ние се надеваме дека и нам ќе ни капне некој динар од странство.
Каква има ова врска со ракијата или чачата? Голема.
Сите, ама баш сите грузини се пијандури, тежки алкоси, клети пијаничишта!
Многу наликуваат на моите драги сограѓани и мојата мила татковина Фиромија, пардон Македонија. Не сме сеуште отепани ко нив, ама реков, грабиме со крупни чекори натаму.
Не знам, не ми е јасно зошто кога веќе го сменивме знамето, се подготвуваме да го смениме името, се топиме како сладоледот на бананата-сплит, да не си налиеме како и грузините, по една жолта тиквешка, сега кога веќе не постои неготинската, стара Ж’та?
Мислам, онака, спортски.
Нели ионака менуваме влади и властодршци на секои избори. Треба, Потоа, распијандурени ќе си ја запееме “Зајди, зајди” - Сариевски или “седам дома саааам, сликите твои ги глееедам” – инкарнацијата македонска на Сариевски Ристе од Припор (бидејќи Глоррријан ни е вон конкуренција).
Потоа да отидеме до Солун на узо, за стомак, за оние кои од тиквешката имаат киселини, за да фрлиме уште некое евро во џебот на грчиштана кои не не признаваат за живи ни под разно.
Инаку, Грузија не ја признава Македонија под уставното име. Та нели и сами не се признаваме. А грабиме со крупни чекори кон Европа во моментите кога НАТО не расшупчи, ЕУ се дума како да ни каже дека не не бива и покрај мислењето кое мораат да го дадат како релативно позитивно, а нашите властодржни велможи интензвноо лобираат на грешни места се со цел да ни биде тресната вратата пред нос, бидејќи, нели, ние сме лидери во Регионот. Лидери сме, Тоа и на пилците на гранка им е јасно дека сме лидери, ама за каде, никому не му е јасно. Освен за в неврат.
Ете, така, јас си седев, и си припомнав на автобусот за Тбилиси или Тифлис, како кому. Сега, кога грчиштана се закануваат дека ќе не тртат со името околу ЕУ, а владата се подготвува да ни ја сервира промената на името без ракија. Барем да ја отвореа фабриката во Неготино, онаа за стара Ж’та, оти од тиквешката ракија боли глава.
Си припомнувам и си велам имало бетер. Ама до кога?
Се надевам дека Бучко, Гвујо, Илинка и остала багра размислуваат, без оглед кој е на власт, да воведат задолжителна ракија во собранието.
После сиот оној секојдневен циркус и кафански препукувања, редно е да има и ракиичка и шопска. Ионака се како “певачко друштво” читај=копучаана која за ништо не ја бива освен криминал и државоуништување. Можеби ќе ни запеат. Се надевам дека ќе ни запеат. “Зајди, зајди” е мој фаворит наместо “Денес над Македонија се раѓа ново СОНЦЕ на слободата”, особено бидејќи на сите ни е паднат мрак на очи, никакво сонце не се раѓа (освен еднаш, она срамежливото што се роди на 8-ми септември 1991 година), ами заоѓа, силно ни заоѓа.
Важно ние отидовме во кошарка во А дивизијата. Преку Грузија.
0 Comments:
Објави коментар
<< Home